„ЈАС СУМ МАКЕДОНЕЦ! НИЕ МАКЕДОНЦИТЕ НЕ САКАМЕ ДА МУ СЛУЖИМЕ НА НИКОЈ ОСВЕН СЕБЕСИ; СЕ БОРИМЕ ЗА СВОЕТО НАЦИОНАЛНО ОСЛОБОДУВАЊЕ“ - 1937г.
Ганчо Хаџипанзов е Македонец, родум од Велес, кој од своите рани години ѝ се посветил на македонската револуционерна борба. По наездата на наци-фашизмот во Европа, Хаџипанзов во 1936 г. се пријавил за доброволец во Шпанската граѓанска војна.[1] Загинал истата година.
Соборец на Хаџипанзов во 1937 г. објаснува како, штом почнала војната, тој веднаш заминал со група доброволци во Шпанија, да се борат на страната на Републиканците. Соборецот сведочи:
Бидејќи требаше да се земат точни податоци, посебно за националноста, тој (Хаџипанзов) гордо одговараше:
"Јас сум Македонец. Мојот народ порано страдаше од Османлиите, а сега страда од великосрпскиот фашизам и од фашистичките комити [2] што се во служба на бугарскиот империјализам. На мојот народ најголем непријател му е фашизмот. Ние Македонците не сакаме да му служиме на никој друг отсега, освен на себеси, за своето национално ослободување и против сите угнетувачи, без разлика од каде се дојдени.” [3]
Хаџипанзов потоа е цитиран со порака којашто цели да инспирира што повеќе Македонци да се борат до своето конечно ослободување:
„Испратете им поздрави на сите Македонци и нека го следат мојот пример. Борејќи се за слободата на шпанскиот народ, истовремено се бориме и за нашата полна слобода и против разбојничкиот фашизам од целиот свет”.
ИЗВОР: „Трудова Македония”, 28 февруари 1937г., бр.16, стр. 1.
ЗАБЕЛЕШКИ:
[1] Судирот траел од 1936 до 1939 г. и се водел меѓу Републиканците и про-фашистите, помогнати од нацистичка Германија и фашистичка Италија.
[2] Веројатно се мисли на ВМРО-терористичка на вметнатиот наци-фашист Ванчо Михајлов.
[3] „Трудова Македонија“ е весник на Македонскиот народен сојуз во Америка (МНС) на македонскиот иселеник, илинденецот Смиле Војданов. Гласилото излегува во печат од 1934. до 1938г. Македонците својот весник го издавале во Детроит, Мичиген, САД, и написите морале да бидат печатени на признат и официјално кодифициран јазик. Во случајов, тоа се тнр. бугарски и англискиот јазик.
Македонскиот јазик тогаш - 1930-тите, сѐ уште не е кодифициран и сѐ уште не е официјално меѓународно признат, така што тешко би било гласилото да се пишува и печати на некодифициран и неофицијален јазик. Но, написите морало да бидат разбирливи и за Американците како и за Македонците кои не знаат англиски, шпански, итн. Сепак, тнр. бугарски (којшто не е турко-татарски јазик, туку сепак е словенско наречје), е поблизок до македонскиот јазик.