Зошто Билјана Ванковска, а и Гордана Силјановска не треба да бидат ни професорки, а камо ли претседатели на држава
Една од најголемите придобивки на бивањето возрасен, доколку човек ја има таа среќа некогаш навистина да порасне, е сознанието дека без разлика колку тој е поединечно интелигентен, мудар, начитан или паметен - сепак многу малку знае. Човековата егзистенција е многу комплициран феномен, и многу важни сознанија и суштински вистини доаѓаат од места од кои најмалку очекуваш.
Тоа се вика епистемолошка скромност, што во суштина значи прифаќање дека она што еден човек го знае е некомплетно, и може да е ултимативно еден многу мал дел од сето она што е конечно спознатливо, што може да се дознае и научи. Само епистемолошки скромен човек може интелектуално да се развива, затоа што во него отсуствува ароганцијата дека тој доволно знае, дека е конечен експерт во нешто, и дека ништо не останало за него да научи.
Епистемолошки скромниот човек разбира дека размената на мислења со другите луѓе е најдобар начин да си го изоштри своето сфаќање, своите мислења и аргументи. Тој не разговара или дебатира со цел да го понижи или порази својот соговорник, туку да си ги тестира сопствените тези за отпорност од критика. Епистемолошка скромност е потребен предуслов за човек воопшто да може да мисли, затоа што за да размислуваш, мораш да бидеш способен да застапуваш две спротивни мислења во сопствената глава како би можел да донесеш некаков конечен заклучок што не е само повторување на нешто што некаде си го чул.
Билјана Ванковска, Гордана Силјановска и поголемиот број на универзитетски професори во Македонија не поседуваат епистемолошка скромност. Тие се арогантни, надмени, и сметаат дека нема нешто што не го знаат или треба допрва да го научат. Кон луѓето од кои процениле дека немаат корист во кариерата или во нивните небулозни самодоживувања како некакви „познати јавни личности“, тие се отсечни и дрски. Наместо да разговараат со некој, тие му држат предавања и го користат времето во кое нивниот соговорник зборува да смислат што ќе кажат следно - а не да се ангажираат со суштината на разговорот.
Тука ќе се фокусирам на Билјана Ванковска. Професорите уживаат една количина на пре-лоадиран авторитет кој им доаѓа чисто од позицијата која ја држат - претежно од нивните студенти и нивните потесни семејства. Тие за овој авторитет не мора ништо да направат, и таа доза на авторитет доаѓа со позицијата „професор“ и за најлошиот и најнеук човек кој случајно станал професор. Во случајот на Ванковска, тој „стартен“ авторитет беше доволен да ја катапултира во одредена количина на слава на социјалните мрежи, која таа ја сфати како сведоштво на конечноста на нејзиното знаење и личен развој.
Социјалните медиуми направија можност различни луѓе да можат да интерактираат со „јавните личности“, и на тој начин да разменат мислења. Да, голем дел од тие мислења се безвредни, простачки или злонамерни - ама не сите. Ванковска, заглибена во хубрисот создаден од нејзината „академска позиција“, на многу пати покажа дека нема ниту интелектуална моќ, ниту демократски капацитет да се ангажира во дебата со неистомисленици.
Жената го има пола Фејсбук блокирано - и тоа не се блокирања кои следат после навреди, простачко однесување или лични напади; буквално секој еден човек кој се ангажирал во разговор на социјални медиуми со Ванковска, а кој не е комплетен и перфектен клон на нејзините сфаќања и мислења, добива блок. Тоа покажува дека женава нема капацитет ни за маргинална реевалуација на нејзините ставови, и е заинтересирана само да си ги слуша одекнати од другите. Тоа индицира мал ум, ситна душа и фундаментално тоталитаристички ментален склоп.
Блокирањето не е проблемот - тоа постои затоа што има корист од него. Но кога го користиш за да изградиш непробоен ѕид околу своите климави мислења и килави ставови кои би се срушиле под најнежното ветре од несогласување, можеш се да бидеш освен интелектуалец.
А најмалку професор. Една од најважните работи што треба еден професор да го развие кај неговите студенти е токму епистемолошка скромност. Наместо тоа, Ванковска и голем број на останатите професори по универзитетите во Македонија им всадуваат на нивните студенти несигурност и страв, со тоа што ја користат секоја прилика да им покажат колку се тие супериорни над нив, и колку нивните мислења и ставови се непогрешни.
А кога човек сака да стане политичар, па и претседател на сите луѓе - тој треба да биде подготвен за тоа што „СИТЕ“ значи: тоа се сите оние кои до вчера ги блокираше, ги сметаше недостојни за да се ангажираш со нив и сакаше по секоја цена од нив да се дисасоцираш.
Претседател на Македонија со пола македонска популација блокирана на Фејсбук не бива.
Единственото што прави смисла во целава ова ситуација е дека Ванковска е кандидат на еднакво епистемолошки арогантни незналици како партијата Левица, која на секој со мозок му покажа дека нема капацитет да опстојува во демократски систем туку само во тоталитаристички режим во кој тие ќе бидат на власт.
Ванковска не е глупава. Години на лакташење по универзитетските кулоари, префинетата способност да се процени кому да се додворува, кому да се спротивставува како еднаква и кој да го гледа под носот ја подготвиле да каже она што треба за да излаже најголем број на луѓе.
Ако имате добро мислење за Ванковска, тогаш не сте се нашле на спротивна страна од ниеден аргумент со неа - и ако е тоа така, размислете зошто тоа е така.