Напис
Константин-Кирил и Методија

За многу години денот на светите браќа просветители, Константин-Кирил и Методија!

По тој повод денеска Ви пренесувам дел од говорот на Г.г. Доситеј, првиот Архиепископ на возобновената автокефална Македонска Православна Црква - Охридска Архиепископија, што тој го искажал пред гробот на Свети Кирил во базиликата Сан Клементе во Рим на 23 мај 1970 г. при откривањето на плочата на која пишува:

НА СВЕТИ КИРИЛ СОЛУНСКИ СЕСЛОВЕНСКИ ПРОСВЕТИТЕЛ СО БЛАГОДАРНОСТ ОД МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

Во својот говор, од името на македонскиот народ, Архиепископот Г.г. Доситеј, меѓу другото рекол:

Над гробот, каде што почиваш денес, во овој миг, се наоѓаме ние, чедата на народот од чии пазуви си излегол и ти. Се најдуваат чедата на оној народ на чиј јазик си го направил најблагородниот и животворен чекор во просветувањето и зацврстувањето на словенските народи.

[object Object]
Исечок од списание на матицата на иселеници 1970г. Слика 1

Овде, во вечниот Рим, дојдени од нашата Македонија, прифатени и во мисијата на Свети Апостол Павле, се наоѓаме ние, претставниците на македонскиот народ и црква. Тука сме ние, наследниците на твоите ученици и следбеници, просветителите Свети Климент и Наум, охридските чудотворци.

Дојдовме скромно да ти го укажеме должното признание и благодарност. Твојот македонски народ, заедно со другите југословенски народи, ги преброди тешкотиите и искушенијата низ кои мораше да помине во својата макотрпна национална и црковна историја.

Додека ги изговарам овие зборови, чувствувам дека со право се поставува прашањето: зошто ова го чиниме со вакво големо задоцнување? Се работи за задоцнување од една цела епоха, 1101 година од твојата смрт.

[object Object]
Слика 2

Сакаме да те увериме дека тоа не се должи на невнимание, а уште помалку на неблагодарноста на твојот народ. Причините за ова се во тешкото и макотрпно минато низ кое македонскиот народ и Македонската Православна црква мораше да помине. Требаше да мине повеќе од еден милениум на тешко ропство, за и македонскиит народ да го огрее сонцето на слободата, а македонската православна црква да ја продолжи својата работа откако беше прекината во кобната 1767 година.

[object Object]
Слика 3

Македонскиот народ дури пред четврт век и тоа само во еден дел од својата сакана земја се најде слободен. Оној народ на чиј јазик ти ги преведе првите книги на словенски јазик и со словенско писмо, каде пред повеќе од 1000 години во Климентовиот древен Охрид работеше и првиот словенски народен универзитет, низ кој поминале преку 3500 ученици, народот што има големи заслуги за просветата на сите словенски народи, ја имаше најтрагичната судбина, последен да се ослободи и со својот литературен јазик последен да влезе во ризницата на светската култура и цивилизација.

Нека оваа скромна плоча биде само симбол на нашата безгранична почит и благодарност. Истовремено, со чиста совест те уверуваме дека македонскиот народ ќе остане доследен на твоето дело.

[object Object]
Слика 4

Поставувајќи ја оваа скромна спомен-плоча ние чувствуваме долг да изразиме признание и кон вечниот град Рим што во неговите пазуви повеќе од 11 столетија почиваат твоите останки.

И денес твоето учење е исто толку, ако не и повеќе нужно на луѓето и народите, човекот да биде брат со другиот човек, а границите се’ помалку да ги делат среќните и несреќните. Исто онака како што ти, од твојата татковина појде во во други земји и татковини, да ги учиш луѓето и народите.“

Списание „Македонија“, Матица на иселеници од Македонија, Скопје, бр. 206, Год. XVII, јуни 1970.

Во прилог и неколку фотографии од мојата посета на гробот на Свети Кирил од пред неколку години.

[object Object]
Гоце Панговски пред гробот на Св. Кирил. Слика 1
[object Object]
Слика 2
[object Object]
Слика 3

11
1
1